Во ЈОУ Библиотека „Искра“ се реализираше првата работилница од проектот „Децата, книгите и добрината“
Во ЈОУ Библиотека „Искра“ се реализираше првата работилница предвидена за 2025 година, од проектот „Децата, книгите и добрината“, со координатор Ивана Атанасова.

На денешната работилница учествуваа ученици од 4 одд. од ООУ „Никола Карев“ – Кочани, под менторство на нивната наставничка Анета Манасиевска.

Идејата за проектот произлегува од истражувањето спроведено од страна на Oxford University Press (OUP) за 2024 година, на кое учествувале повеќе од 6000 деца на возраст од 6 до 14 години.

Според истражувањето зборот „добрина“ бил избран од 61% од испитаниците-деца, во конкуренција со уште 3 збора.

На денешната работилница, освен што со учениците се обработуваше лектирата за 4 одд. ,,Капетанот торнадо” од авторот Миливој Матошец, учениците преку игра, со реални примери од секојдневието класифицира добри и помалку добри навики, и имаа вежби со прашалници на тема ,,добрина”, а се запознаа и со синонимите, односно зборовите кои се користат во секојдневната комуникација и кои имаат слично значење.

Предвидено е во соработка со основните училишта од кочанскиот регион и деца од предучилишна возраст, во текот на 2025 година да реализираме неколку литературни средби со цел децата да се дружат со книгата не само во училиштата, туку и во библиотеката и да се запознаат со работата на библиотеката.

Со реализација на креативните работилници во текот на 2025 година во ЈОУБ „Искра“ на тема „добрина“- збор од Оксфордскиот детски речник за 2024 година, основната цел е учениците преку игра со лектирните изданија, но и со изданија кои не се влезени во образовните програми, да другаруваат со литературата за деца- непресушниот извор на позитивни вредностикај децата.

Да го потенцираме зборот „добрина“ како позитивна вредност за развојот на најмладата популација.

Координатори на проектот, Ивана Атанасова и Кристина Ѓорѓиевска Атанасова.