Во ЦК „Бели Мугри“ отворена изложбата „Жената – глава на семејството“
Во салон „Фоаје 2“ во НУ Центар за култура „Бели Мугри“ во Кочани беше отворена изложбата „Жената – глава на семејството“ која е создадена во склоп на манифестацијата „Ин Виница Веритас 2022“.

Изложбата ја најави м-р Александра Димитрова, раководител на Училиштето за цртање и сликање при НУ Центар за култура „Бели Мугри“ од Кочани, а за самата изложба и за нејзиното значење зборуваше Благица Стојановска – директор на Домот за култура „Тошо Арсов“ од Виница.

Изложбата од конкурсот за карикатура насловена „Жената – глава на семејството“ е дел од минатогодишното издание на фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница Веритас“ кој што традиционално се одржува во Домот на култура „Тошо Арсов“ – Виница.
Во 2022 година во организација на Домот на култура од Виница со финансиска поддршка од страна на Министерството за култура на Македонија се одржа 14-тото издание на фестивалот.

Фестивалот е светски познат токму поради конкурсот за карикатура, а во 2022 година учество зедоа 283 автори од 44 држави од целиот свет со вкупно 670 карикатури.
Комисијата во состав: Дамир Новак (Република Хрватска), Наташа Костовска (Република Македонија), Благица Стојановска (Република Македонија), Горан Челичанин (Република Србија) и Иштван Келемен (Унгарија) имаа тешка задача да одлучат кои карикатури ќе бидат најдобри од речиси сите добри, за на крајот се одлучат да бидат наградени три карикатури, од кои првата награда му припадна на Енгин Селџук од Турција, втората на Олена Цуранова од Украина, а третата на Дарко Дрљевиќ од Црна Гора.
