Во тек е уписот на првачиња во кочанските основни училишта, за десет години бројот намален за 20%
Во тек е уписот на првачиња во основните училишта во Кочани. Во училишните клупи за првпат во петте основни училишта треба да седнат околу 340 првачиња.

Споредбено со претходната година се забележува благо опаѓање на бројот на првачиња, но споредбено со запишани првачиња пред десет години бројката е помала за 20%. Од основните училишта се надеваат да се запишат барем учениците кои се предвидени по список.

-Во нашето училиште според реонизација се планирани некаде околу 62 првачиња, и на сите уредно им се доставени поканите. Но и кај нас има многу поврат на пратките и се надеваме дека можеби има грешка. Планираме од понеделник да ги посетиме нашите обврзници, рече Благој Петров, директор на ОУ „Малина Поп Иванова“ Кочани.

Во Оризари има повеќе првачиња за разлика од лани. Директорката вели дека учениците добиваат соодветна и квалитетна настава.

Оваа година ООУ „Крсте Петков Мисирков“ од Оризари на списокот за запишување има 30 ученици. Уписот е во тек и до сега имаме запишано 20 првачиња, рече Милева Богданова, директор на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ Оризари.

Во целост се почитува и реонизацијата децидни се директорите на основните училишта. Велат дека првачињата се запишуваат во училиштето според местото на живеење.

-Реонизацијата се почитува, не примаме дечиња од други училишта, истакна Александар Андов, директор на ООУ „Никола Карев“ Кочани.

Најголем број на првачиња треба да се запишат во ООУ „Кирил и Методиј“ односно 142, 78 во „Никола Карев“, а 56 во „Раде Кратовче“.
