Вицепремиерот Битиќи, министерката за животна средина Шукова и заменик министерката за здравство Манолева во посета на Кочани
Вицепремиерот за економски прашања и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерката за животна средина и просторно планирање, Kaja Шукова и заменик министерката за здравство, Маја Манолева го посетија Кочани, каде со граѓани и бизнисмени разговараа за придобивките кои за источниот регион ги донесе изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, важен инфраструктурен проект во вредност од над 46 милиони евра.

Со овој модерен експресен пат се создадени услови за безбедно патување на луѓето до саканите дестинации. Придобивките од оваа модерна патна делница најдобро ги чувствуваат компаниите од Источниот плански регион, на кои им се овозможува брз транспорт на нивните стоки, но истовремено и финансиска поддршка преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции (ЗФПИ) за нивна поголема конкурентност на странските пазари, со што се придонесува и за регионален развој.

Заклучно со 2022-ра година, само во Источниот регион се исплатени 630 милиони денари по ЗФПИ за 3.7 милијарди денари инвестиции на 89 компании, а само во тековната 2023 година, се склучени нови 44 договори.


