Библиотека „Искра“ го одбележа Светскиот ден на поезијата, годинава посветен на Коста Рацин
По повод одбележување на 21 Март, Светскиот ден на поезијата, ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани организираше настан посветен на основоположникот на македонската современа литература и поезија Кочо Рацин.

Под мотото „Уметноста на стихот, – спонтано прелевање на моќни чуства“ на настанот беа изложени книги од Рацин и за Рацин, како и презентација и видео запис за животот и делото на Коста Рацин од страна на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес.

– ЈОУБ „Искра“ – Кочани традиционално неколку години го одбележува 21 Март, Светскиот ден на поезијата со најразлични содржини. Годинава одбележувањето е посветено на ликот и делото на Кочо Рацин со акцент на неговата стихозбирка Бели Мугри, како основоположник на современата македонска литература и поезија. Гости на денешниот настан се стручни лица, вработени во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес и Локалната установа Народен музеј од Велес и училишта од Кочани, Зрновци. Стручно излагање од гостите – соработници и изложба со книги од библиотеката од Велес за Рацин и од Рацин и дела изработени од учениците од ликовните секции од училиштата и изложба на изработени дела од Музејот од Велес посветени на Рациновите средби, истакна Кристина Горгиевска Атанасова, директорка на ЈОУБ „Искра“.

На настанот беше отворена изложба посветена на јубилејот 60 години Рацинови средби од страна на Локалната установа „Народен музеј“ – Велес како и изложба на ликовните дела од литературно – ликовната работилница „Инспирација – Бели Мугри“ инспирирана и посветена на стихозбирката „Бели Мугри“.




