Априлијада 2023: Креативни маски, насмевки и многу шеги го преплавија градскиот парк во Кочани
Креативни маски, игри, смеа, насмевки, песни и многу шеги можеа да се забележат во градскиот парк во Кочани по повод одбележување на највеселиот ден во годината 1-ви Април. Пирати, кловнови, пеперутки, принцези, морнари и главни ликови од цртаните филмови продефилираа низ кочанските улици. На платото на ЦК „Бели Мугри“ настапија децата од големите групи од ДГ „Павлина Велјанова“, од Приватната градинка „Амичи“, а продефилираа и учениците од прво до петто одделение од сите основни училишта од Кочани и училиштето во Оризари. Целата манифестација за нив претставуваше вистинско доживување оти беа скриени под несекојдневните маски.



Сите деца, ученици и присутни на Априлијадата ги поздрави градоначалникот Папазов.

Традиционалната „Априлијада“ општината ја организира секоја година која станува се помасовна и интересна за новите деца кои учествуваат во неа. Манифестацијата сама по себе прераснува во настан што на денот на шегата ги собира граѓаните на едно место и ги развеселува заборавајќи на секојдневните проблеми.



