Манастирот посветен на Пресвета Богородица – Добра вода Оризари со нови фрески и иконостас, Владиката Иларион изврши преосветување
Манастирот посветен на Пресвета Богородица – Источен петок Балаклија или меѓу народот познат како – Добра Вода во Оризари целосно е реновиран и фрескоживописан, со нов иконостас и сите потребни работи за одржување на Литургии. По тој повод Митрополитот Брегалнички г. Иларион денеска пред Светата Литургија изврши преосветување на манастирот, а заедно со него служеа повеќе свештенослужители од Брегалничката епархија. Голем број верници присуствуваа на свечениот чин и оддадоа почит на Пресвета Богородица, од сега и овој ден, првата недела од ноември ќе биде слава на овој манастир, истакна Владиката Иларион кој пред верниот народ одржа содржајна беседа и рече дека со фрескоживописот и иконостасот манастирот си ја доби канонската и богослужбена целина.


-Нека е честито и благословена оваа радост духовна. Го осветивме храмот, а на ова место и претходно постоше храм, но веќе се изгради и нов, со нов фрескоживопис и иконостас. Се подигна дом божји, каде што народот ќе доаѓа и ќе се моли на Бога, ќе принесува дарови, ќе искажува молења и Господ Бог кој што е еден и мислостив ќе подели многу здравје на оние кој што бараат од него. Се договоривме со управата и парахискиот свештеник од денес понатаму овој ден да биде втора манастирска слава, каде што народот ќе се собира во мноштво да го слави Бога. Нека е честито, благословено и за многу години, истакна Митрополитот Брегалнички г. Иларион.

Домаќинот Стефан Смилков истакна дека му причинува големо задоволство што манастирот е реновиран и веќе осветен.

-Денеска, се собравме на ова свето место со цел осветување на манстирот. Тој е целосно реновиран, односно фрески иконостас и слично. Давам голема благодарност до Митрополитот Иларион, што го изврши осветувањето на манастирот. Голема благодарност упатувам до Благој, нашиот жител на Оризари кој ги даде поголем дел од средствата, но изразувам голема благодарност и до сите што помогнаа во текот на реставрацијата на манастирот. Задоволен сум и од бројот на посетата од страна на верниците. Сега во манастирот се е ново иконостасот, фреските, а имаме и фрески донесено од Бигорскиот манастир. На манастирот му недостасуваат уште многу работи меѓу кои и конаци, а на пролет планираме да почнеме да ја градиме и кујната, истакна Стефан Смилков, домаќин на манастирот.

На верниците се служеше манастирски ручек. Пред верниот народ со свои точки се претставија фолклористите на ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари и членовите на оркестарот „Мелем“.


Со празникот посветен на Пресвета Богородица и се оддава признание на Мајката Божја, по што манастирот го носи нејзиното име. Се верува дека водата во овој манастир е лековита.

Инаку, на манастирот Добра вода кај Оризари освен на празникот Источен петок Балаклија слава има и на втор ден Божиќ кога и на тој ден се собираат голем број верници и се сукаат зелници, а еднаш во годината се прави и годишно собрание на овој манастир кога се прават планови за понатамошните активности во манастирскиот комплекс.